Скопје, сакам да се вратам, ме чекаш ли?

Веќе некое време на мисла сум да се вратам дома, во мојата Македонија. Да го вдишам воздухот на моето Скопје. Место на скајп, на кејот на Вардар да испијам кафе со пријателите од детството, пропратено со искрен добронамерен пријателски муабет. А, замислете таму булевар е во изградба, на кејот каде се собиравме забавувавме и уживавме… Скопје, што ти сториле? Искрено да ви кажам, ептен ме вознемирува фактот дека моето Скопје е поинакво, дека се е сменето и ништо повеќе не е исто. Во сопствениот град се плашам да пристигнам, поради тоа што она на сликите на интернет што го гледам воопшто не ме бендисува. Како да гледам град во кој никогаш не сум бил, гледам на градот во кој се родив, пораснав, во кој се школував и каде некогаш ја гледав иднината. Ни на крај памет не ми беше дека ќе ме проголта Америкава. Дека во неа години од животов ќе поминам. Дојдов да поработам и да прошетам… Но, не е се по пропис и план секогаш нели?! А, овде работата како студент ми беше неколку пати повеќе платена од што им е на моите родители со факултет во нашата земја. Затоа и се излажав да останам, да заработам додека сум млад и способен. Дома не ме чека работа тоа со сигурност знаев. Но дечки, дома ме чека топла мајчина прегратка, роднини кои со душа ме чекаат да си дојдам и толпа пријатели со кои се смеам и плачам на камера. Парите не може да го надополнат тоа што го имам дома, ама па без нив не се живее. Се прашувам уште ли e градот со истиот дух како пред 7 години? Уште ли мириса на липи и насекаде летат туфки од тополи? Уште ли забавата трае 24/7? Уште ли има насмеани луѓе во целата небиднина? Јас како да сум на најризичната крстосница во животот, од двете зла одбери го помалото, живот во кој ќе можам да живеам без да се грижам дали ќе имам леб да купам или живот во кој ќе имам леб, ама фамилија само на камера… Градот кој ја знаеше секоја моја тајна, тага и среќа сега е претворен во мој неистомисленик, моја тага и мечта за минатото е Скопје!

Advertisements