Љубителите на патувањата мечтаат да го посетат, а оние кои биле сакаат уште еднаш да му се вратат…

Запознајте го градот со над илјадагодишна историја, со големо културно и архитектонско значење. Во минатото, овој град бил административен центар на Полска и седиште на полските владетели.

Дали поради големиот број на легенди кои се врзуваат со овој град или поради неговиот шарм и неверојатна убавина, Краков со право го нарекуваат магичниот град на Стариот Континент.

Постои една масовна заблуда дека Краков е гратче со симпатичен старински изглед, но тоа воопшто не е вистина. По Варшава, Краков е вториот најголем град во Полска, сместен во нејзиниот јужен дел, на брегот на реката Висла.

Средновековната харизма која ја поседува овој град е она што привлекува голем број на туристи од цела Европа, особено во пролетните и летните месеци. Оние кои не биле во Краков, а се вљубеници во патувањата мечтаат да го посетат, оние кои биле сакаат уште еднаш да му се вратат.

Главниот плоштад, Rynek Glowny датира од тринаесеттиот век и му припаѓа на Стариот град. Нека вашата прошетка на Краков започне токму оттука. Овој плоштад кој има неверојатна површина од 40000 метри квадратни ја има титулата „најголем плоштад“ на европското тло. Rynek Glowny ќе ве плени со приказни, историски објекти, палати, цркви… На плоштадот никако не смеете да ја одминете црквата Св. Богородица, грандиозна градба во горски стил која е една од најпосетените цркви во Полска.

Со оглед на тоа дека Краков е познат универзитетски центар, посетете го и Јагелонскиот Универзитет кој е основан во далечната 1364. година под името „Краковска Академија“ која е една од најстарите во Европа. Доколку ја сакате уметноста, Краков ќе ви понуди неверојатни искуства. Посетете го подземниот музеј кој се наоѓа во близина на центарот, галеријата на Полското сликарство која е дел од трговскиот центар Сукјенице и во која се наоѓа светски познатата слика на Леонардо Да Винчи, „Дамата со камелии“. За оние кои пак, ја сакаат историјата ја предлагаме некогашната фабрика која денес е претворена во музеј и е позната под името „Музејот на Оскар Жиндлер“. Музејот е посветен на настаните од Втората Светска војна.

И секако, во Краков никако не смеете да пропуштите да го посетите замокот Wawel кој е најрепрезентативниот симбол на Краков. Замокот е сместен на истоимениот рид и ќе ви овозможи волшебна панорама кон градот, особено во утринските или вечерните часови. Влезот во замокот е бесплатен, но се наплаќа влез за во одредени галерии и поставки кои се дел од комплексот.

И за крај уште еден совет, облечете удобни патики бидејќи Краков е град кој мора да го доживеете додека пешачите!

 

loading...