Кој вели дека за среќа е потребно многу?

Имам едно нешто во себе што ме прави посебна, да не речам посреќна. Од малечка јас умеам да се радувам на мали работи, кои за многу луѓе околу мене се неважни. Да им придавам значење на ситниците кои животот го прават убав не научив, така се родив, но, на вас сега ви велам да научите, оти за вас ќе е подобро. Гледајте го животот од малку поинаков агол, почнете да гледате позитивно и тоа само ќе си дојде.

Редовно му се радувам на утринското кафе, сама по мој мерак си го припремам и со задоволство го пијам. Се радувам штом слушнам убава песна, попуштам глас и заигрувам. Се радувам кога семафорот свети зелено и не морам да чекам. Се радувам кога влегувам во маалската продавница, па сфаќам дека сум дошла без новчаник, оти човек сум заборавам, па ќе се насмевнам ќе ми возвратат со насмевка и збор два: “После ќе донесеш”. Се радувам кога го шетам кутрето и кога сретнуваме друго кутре и моево среќно и изиграно дома го враќам. Се радувам кога со внучко ќе си купиме од омилените сладоледи па уште по пат заедно ги лижеме да не ни се растопат. Се радувам после туширање кога во пешкир ќе запалам една цигара, ќе завршам работа на компјутер, па потоа ќе се облечам. Се радувам кога на мајка ми ќе и направам кафе па низ муабети за животот со неа ќе го испијам. Признавам кафето со неа ми е омилено, скоро колку она утринското сама кога сакам да сум. Се радувам кога ќе видам дека тетка ми ми ѕвони трет пат во денот, оти заборавила да ме праша дали сум јадела иако поголема од неа сум порасната. Се радувам кога татко ми ќе влезе уморен од работа, а јас трпезата сум му ја припремила. Се радувам кога ќе начекам чевлии на попуст оти ми се опсесија. Се радувам кога ќе се исфенирам оти така поубаво се чувствувам. Се радувам кога на дечко ми ќе станам во три часот после полноќ јадење да му направам оти знам дека тогаш обожува да се нагости. Се радувам на мирисот на лубеници. Се радувам кога ќе го слушнам звукот на колата на дедо ми оти неговите прегратки ми се утеха. Се радувам кога ја јадам супата на баба ми оти само нејзината супа сакам да ја јадам. Се радувам кога имам време да седам и да молчам до внук ми додека гледа цртани. Се радувам кога ќе помирисам море, а и езерото го обожувам. Се радувам кога ќе го искачам Водно, па така изморена во чајот на врвот уживам. Се радувам додека сите спијат, а јас вртам кругови низ зоолошката градина. Се радувам кога ги гледам врапчињата како доаѓаат и не забораваат дека тука храна ги чека. Се радувам кога ќе се дотерам па со другарките ќе прошетаме, ќе се утешиме, па ќе се смееме. Се радувам кога мојот човек ми вели убава, оти тој е свесен дека душата вака среќна ми е најубава! Се радувам на секојдневни и мали работи, оти без нив животот не е ништо. Имам уште многу да набројувам, но ќе нема крај…

Славете ја љубовта, сакајте го животот и радувајте се на се околу вас!

Advertisements