Интервју со Анкица Стојановска Митровска: Ние сме такви какви што сме поради нашите соништа!

Ја гледате на телевизија, ја слушате на радио. Секогаш насмеана и полна со позитивна енергија, Анкица Стојановска Митровска во ова интревју зборува за почетоците на нејзината кариера, за проектите на кои работела, но и чувството да се биде мајка на две прекрасни близначиња.

Анкица, би сакале да ве навратиме на почетоците од вашата кариера. Се сеќавате на првото појавување пред камерите? Што чувствувате во тие моменти?

Првото мое појавување пред тв камерите во улога на водител  беше на моја 12 годишна возраст,  водев рубрика Поетско катче во Емисијата „Зимско рекреативна програма“ во  Македонската телевизија.  Бидејки имав предходно радио искуство како дел од проектот Џивџани на втората програма на МРТВ појавувањето пред камерите  во тој период ми беше предизвик кој морав да го осознаам, искусам да го изучувам. Многу убаво помнам дека бев премногу возбудена, сигурна во себе со подготвена најава, прашања, одјава. Таа магија, љубов и адреналин и ден денеска не ме напуштаат.

Кој период од кариерата ви е најдраг и со задоволство би го „живееле“ уште еднаш?

Секој период, секој проект си е засебен и си оставиол некои „траги“. Во периодот кога бев во основно и средно училиште и истовремено водев радио и тв емисии во МТВ, таму растев, развивав, учев и имам најубави спомени од едно поинакво, позитивно време, од едно преубаво детство во кое многу сакав да научам, а имав и од кого да учам. Во А1 созревав, многу научив од колегите од информативната редакција, во телевизијата  работевме големи проекти и емисии со полна пареа и со многу ентизијазам. За мене големо искуство беше Првиот регионален Идол кој го правеше А1 со националните телевизии од Србија и Црна Гора, бев водител на проектот од Македонија  и за прв пат се соочив со огромна организација, голема екипа пред и зад камерите. Убаво време и убави луѓе 🙂 Секој проект си носи своја енергија, своја убавина. Во 2008 та година во Алфа го започнавме проектот Портик со многу убава, визија, термин и голема екипа, таа емисија и таков тип на емисии недостасуваат во тв етерот. Секој период и проект си носи своја убавина и се случувале во некој период од животот, младоста и сл.

Несомнено дека јавните професии се потешки од оние анонимните, кои се работат од некоја тивка канцеларија. Како се постигнува балансот помеѓу успешна јавна личност и мирен приватен живот?

Не знам зошто велите „потешки“. Секоја професија си носи своја тежина, одговорност, дисциплина и сл.  Сметам дека не е до постигнување на некаков баланс помеѓу професијата и приватниот живот. Туку најбитно е начинот на кој го водиме, менаџираме нашиот живот. Јас сум истата Анкица и пред камерите и зад камерите. Сакам да запознавам нови луѓе, да стекнувам нови пријателства, да си направам нормален муабет со секој,  како и со оние што ќе ме препознаат како лице од пред тв камерите. Откако се родиjа Ива и Марко (моите две ипол годишни близначиња)  имам поголеми обврски, но имам и подршка за се од семејството. Уште еднаш ќе кажам добра организација, многу љубов и убава енергија се клучни за успешно извршување на сите обврски.

Што е она што би сакале да го промените кога медиумската сцена во земјава е во прашање?

Многу работи би сменила. Бидејки сите сме премногу дозирани со политика, на телевизиите  поевтино им е да ги откупат правата на музички проекти и забавни емисии од соседството и токму тоа и недостасува кај нас. Недостасуваат забавни емисии со некоја скапа и убава сценографија, разиграна интерактивна емисија, недостасуваат детските емисии, емисиите од областа на културата и сл.

Вашиот глас го слушаме и на една од најслушаните радиостаници Скај радио, 102,5 фм,  во емисијата Радио Метаболизам. Вие сте уредник и водител на таа емисија. Од каде идејата за еден ваков уникатен радио концепт?

Идејата е постара, а започнав да ја реализирам пред година ипол. Во трката по пари, по работни обврски заборавивме на здравите навики, на сопственото здравје, за здравјето на нашите најдраги. Така се роди идејата за кратка радио емисија која ќе трае 20 мин. Секој работен ден со репризи секако и ќе се зборува за спорт, здрави навики, заболувања, превенција на болести и сл. Овој концепт на емисија многу им се допадна Фармаген (спонзорот на емисијата) и приказната на Радио Метаболизам можете да ја слушате во 3 популарни термини дневно.

Имате и улога на мајка на две близначиња. Каков е животот во најважната улога, онаа на мајката?

Не ја гледам како улога, ја гледам како на живот во животот. Гледам како на надеж, мотив, борбеност. Откако се родиjа Ива и Марко открив еден нов подскриен карактер во мене кој излезе на површина. Океан од емоции и љубов која и сега да се потрудам да ги опишам нема да можам, иако и претходно бев емотивна сочиствителна, но ова е една друга, нова поинаква состојба. Открив огромна издржливост, истрајност, борбеност, иако таква сум по природа, но ова е поинакво чувство она  родителско, заштитничко.  Открив нов начин на релаксација и уживање иако многумина велат тешко тебе со две деца. Ништо не е тешко ако знаеш како да им пристапиш на работите. Сега имам двојно поголема радост и среќа, имам прегратки искрени и чисти кои ми враќаат љубов и влеваат надеж, имам многу прашања кои постојано ги одговарам, многу приказни за читање и игри во дворот за играње. Затоа реков, не гледам дека мајката има улога. Мајката го открива животот откако ќе и се родат децата, тогаш вистински го живее животот, поинаку се гледа на светот  и поинков е пристапот кон нештата и околината воопшто. И да бидам јасна откако станав мајка не заборавив на сопругот, на пријателите и на дружењето и комуникацијата со луѓето.

Која е Анкица кога не е во етер? Кои се книгите кои ги препрочитувате, филмовите кои ги имате изгледано и по неколку пати, музиката која ве релаксира?

Па, можам да речам истата која ја гледате пред екраните, која ја слушате на радио, ја читате и сл.  Истата онаа зборлива, која сака да се дружи и која искрено ужива во работата и комуникацијата. Си ја сакам работата и со најголемо уживање, подготвеност и посветеност си ја работам. Кога ме прашавте пак за книгите ќе кажам –  уживам да читам, книгите ме релаксираат, ме водат во еден поинаков свет, во некои туѓи култури и животни искушенија, предизвици  и приказни. Искрено отако се родија децата помалку наоѓам време за читање. Прво што би ми паднало на памет е книгата „Позитивна дисциплина“ – за првите три години од растот и развојот на едно дете, извонредна е. (ха ха ха). Ќе ги препорачам книгите на Бачиќ Алимпиќ (Тилогиите Казна за гревот, Писмото на госпоѓа Вилма, Последната пролет во Париз и најновата Те нема никаде. Книгите на Лусинда Рајли, Книгите на Карлос Руиз Зафон, ми се допаѓа стилот на авторката Тереза Ревај, Досега не ми се случило да повторам некоја книга, освен Малиот Принц на Сент Егзипери кратка книга со многу пораки кои во различни периоди во животот и различно сум ја  доживеала, секако  со задоволство би се навратила на Ана Каренина од Толстој, Злосторство и казна – Достоевски…  Филмови обожувам да гледам и најчесто кога Ива и Марко ќе заспијат јас и сопругот си пуштаме филмче за релаксација. Филм кој побудил многу емоции е Notebook, би ги гледала повторно филмовите: Ordinary people, To Rome with love, The Godfather, The Bodyguard, Taken со продолжувањата, и нешто поново La, la Land. (Ова е моментална инспирација, сигурно има уште многу други).

За што сонувате, во што се надевате, во што верувате?

Ние сме такви какви што сме поради нашите соништа, и секогаш треба да сонуваме за големи нешта и да уживаме во задоволствата на малите работи кои ни причинуваат среќа. Кога имаме соништа и цели тогаш  со нив ја надминуваме животната монотонија и се стремиме кон успех. Сонувам за мир во светот, отворени граници, запознавање на различни култури без предходни процедури за визи, пасоши и сл. Сонувам за свет без насилство, предрасуди и интриги.

Каде ја барате убавината во секојдневието?

Во се и секаде. Убавината на секојдневието не треба да се бара туку да се создава, Еден обичен врнежлив ден можеме да си го направиме најубав ако мислите ни се сончеви, ако гледаме и позитивно на дождот, па дури и на лошите нешта кои ќе дојдат да гледаме позитивно дека се тука да не направат посилни, похрабри за добрите денови кои следуваат.  Но најубаво ми е во прегратките на Ива и Марко, тука се е чисто, сончево, беспрекорно, розово, искрено, едноставно најУБАВО!!!

loading...