Убави книги и филмови

Зошто ги сакаме книгите на Јелена Бачиќ Алимпиќ?

Последниве неколку години, жените на Балканот ги читаат книгите на Јелена Бачиќ Алимпиќ. Читаат и плачат. Бачиќ Алимпиќ за кратко време стана една од најчитаните писателки на нашите простори, а нејзините фанови со нетрпение ја очекуваат секоја нејзина книга.

Многу од жените кои ги познавам велат дека ако прочиташ една книга од Јелена, не можеш, а да не посакаш да прочиташ уште една, па уште една и сè така додека не ги прочиташ сите!

Која е Јелена Бачик Алимпиќ?

Родена е во 1969. година во Нови Сад. Се школувала во Карловачката Гимназија во Сремски Карловац и на Филозофскиот факултет во Нови Сад, на катедрата за југословенска книжевност и српскохрватски јазик. Нејзината кариера ја започнала во новинарството во 1987 година. Работела и во електронски и во печатени медиуми и иако добила многу значајни награди за нејзината работа како новинар, таа во 2013 година го напушта новинарството, а во една прилика, во интервју за еден српски магазин имаше изјавено дека никогаш повеќе не би сакала да се врати во новинарството.

Во 2010. година го објавува романот „Рингишпил“ кој веднаш го привлекува вниманието на читателската публика и своевремено, две години по ред е прогласуван за најчитано дело во Србија. Во 2012. година ја објавува книгата „Писмата на госпоѓа Вилма“, а во 2014. година романот „Последната пролет во Париз“ кој беше фаворит меѓу македонските читателки. Во периодот од 2015 па сè до лани ги објави трите книги од трилогијата „Казна за гревот“.

Зошто жените ги сакаат нејзините книги?

Нејзините книги се полни со приказни кои нема да ве остават рамнодушни. Доколку се одлучите да читате некоја нејзина книга, хартиените марамици се задолжителни. Таа пишува на толку разбирлив јазик, близок за секој од нас, а сепак богат со стилски фигури. Приказните на Бачиќ Алимпиќ се толку потресни, што не можете, а да не се соживеете со нив, а ликовите ги портретира на толку впечатлив начин што при читањето ќе имате чувство дека тие се тука, седат покрај вас и едвај чекаат да ви дораскажат што судбината подготвила за нив. Нејзините приказни на момент ми заличуваат на оние кои ги слушав од баба ми, толку силни, потресни, трагични, а сепак ликовите кои ги живеат тие приказни непрестано се надеваат.

Македонските жени ја сакаат Јелена Бачиќ Алимпиќ, затоа што им дава можност да ѕиркаат во туѓите размисли, добро да се изнаплачат, да им олесни, да сфатат дека нивните проблеми и не се баш најголеми.

Со нетрпение ја очекуваме нејзината следна книга, нели?

Поврзани статии

Back to top button